Мојот советник

Македонски (Macedonian)Albanian-ALTurkish (Turkiye)
Штип

За општина Штип, Советот и членовите на Советот

Општина Штип е единица на локалната самоуправа во која граѓаните го остваруваат своето уставно загарантирано право на локална самоуправа. Нејзините надлежности произлегуваат од Уставот на Република Македонија, Законот за локална самоуправа, како и од други закони.

Територијата на општина Штип ги опфаќа следните населени места: градот Штип и селата: Балталија, Брест, Врсаково, Горачино, Доброшани, Долани, Драгоево, Едеклерци, Калапетровци, Кошево, Криви Дол, Јамуларци, Лакавица, Лесковица, Липов Дол, Љуботен, Ново Село, Никоман, Пенуш, Пиперово, Почивало, Пухче, Сарчиево, Скандалци, Селце, Софилари, Стар Караорман, Степанци, Суво Грло, Судик, Сушево, Танатарци, Тестамелци, Топлик, Три Чешми, Хаџи Хамзали, Хаџи Реџепли, Хаџи Сејдели, Црешка, Чардаклија, Чифлик, Шашаварлија и Шопур.

Според податоците од Министерството за Локална самоуправа, општина Штип има 47.796 жиели, од кои најголем дел 87,18% се Македонци, 4,59% се Роми, 4,34% се Власи, 2,66% се Турци. Општината Штип покрива површина од 583,24 км2.
Седиштето на општината е во градот Штип.

Празник на Општината е 8 ноември - Ден на ослободувањето на Штип во 1944 година.

Статутот на општина Штип ги одредува: организацијата и работењето на органите на општината, организацијата и работењето на комисиите на советот; начинот на информирање на граѓаните и слободен пристап до информациите од јавен карактер; начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив; начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните; начинот на објавување на прописите на Советот, месната самоуправа (урбана заедница), начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето на Општината како и други прашања од значење за Општината.

Со општината раководи градоначалникот д-р Зоран Алексов, кој со тајно гласање, на непосредни и слободни локални избори, одржани на 22 март 2009 година, по прв пат е избран на оваа функција. Неговиот мандат е 4 години.

Советот на општината е претставнички орган на граѓаните кој го сочинуваат 23 членови со мандат од 4 години.
Од своите редови, членовите ја избраа Сузана Николовска за претседател на Советот на општина Штип.

Овој состав на Советот на општина Штип е избран на непосредни и слободни локални избори, со тајно гласање, одржани на 22 март 2009 година. Членовите на Советот се избрани врз основа на пропорционален модел, со затворена листа на кандидати (што значи се гласа за листа, а не за еден кандидат), во времетраење од четири години. Пресметувањето на мандатите од кандидатските листи се врши по Донтовиот модел.

Организацијата и работата на Советот на општина Штип и комисиите се определени со Деловникот на Советот на општина Штип.

Права и должности на членовите на Советот според Деловникот

  • Членовите на Советот имаат право и должност да присуствуваат и да учествуваат во работата на Советот и на неговите постојани и повремени комисии;
  • Членовите на Советот кои се спречени да присуствуваат на седниците на Советот должни се за тоа навреме да го известат претседателот на Советот;
  • За присуство на членовите на Советот на седниците се води евиденционен лист. Евиденциониот лист за присуство на членовите на Советот го води општинската администрација;
  • Членовите на Советот имаат право на седницата на Советот да даваат иницијативи и предлози;
  • Членовите на Советот на седницата на Советот имаат право да му поставуваат на градоначалникот прашања од неговата надлежност;
  • Членовите на Советот не може да бидат повикани на кривична одговорност или да бидат притворени за искажано мислење или за гласање во Советот;
  • Членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патни и дневни трошоци во рамки утврдени со Закон. Висината на процентот на надоместокот се определува со посебна одлука на Советот;
  • Членовите на Советот имаат право да бидат информирани за работата на Советот и за работата на комисиите на Советот; 
  • Членовите на Советот имаат право во врска со извршувањето на својата функција да бараат стручна помош од општинската администрација по прашања од надлежност на Советот; 
  • Членовите на Советот имаат право преку Советот да бараат податоци од јавните служби, установи и претпријатија кои ги основа Советот, кои им се потребни за извршување на нивната функција;
  • Членовите на Советот се должени да чуваат државна, службена и деловна тајна.

Мандатот на членовите на Советот престанува или може да им биде одземен само во случаите утврдени со Законот за локална самоуправа:

  • ако поднесе оставка;
  • во случај на смрт;
  • ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење од над шест месеци;
  • ако настапи случај на неспојливост со функцијата член на Советот согласно со Законот за локалните избори;
  • ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, и

ако престане да биде жител на општината.

Во текот на својот мандат ...

...Членовите на Советот може да се сретнат со граѓаните, со претставници и членови на граѓански организации, со претставници на медиумите, може да одговараат на пораки и телефонски јавувања, да ги подготват своите материјали и излагања за седниците на Советот и работните тела.

Работни тела на Советот на општина Штип

Советот на општина Штип формира комисии за претресување на прашања од надлежност на Советот. Комисиите расправаат за прашања од областа за која се формирани, даваат мислења и предлози до Советот и ги разгледуваат предлозите на Градоначалникот, членовите на Советот и иницијативите на граѓаните.

Според Статутот на општина Штип комисиите на Советот се формираат како повремени и постојани. Комисиите се составени од пет члена на Советот.
Повремените комисии се формираат по потреба. Составот и времетраењето на мандатот на повремените комисии се определува со Одлуката за нивното формирање.

Како постојани комисии на Советот се формирани:

  • Комисија за финансирање, буџет и локален економски развој;
  • Комисија за урбанизам, комунални дејности, заштита на животната средина;
  • Комисија за општествени дејности;
  • Комисија за Статут и прописи;
  • Комисија за социјални работи и здравство;
  • Комисија за култура;
  • Комисија за образование;
  • Комисија за еднакви можности;
  • Комисија за правата на детето;
  • Комисија за мандатни прашања, избор и именувања.

Мандатот на овие комисии е ист со мандатот на членовите на Советот.

Како повремени комисии на Советот се формирани:

  • Комисија за спорт;
  • Комисија за унапредување на правата на пациентите;
  • Комисија за процена на штети;
  • Комисија за контрола на наплатата и употребата на средствата од самопридонесот;
  • Комисија за ментално здравје.

Општината Штип има формирано Совет за заштита на потрошувачите, кој е составен од седум члена, од кои три члена се избираат од редот на правните лица и четири члена од редот на физичките лица, како корисници на услугите што ги даваат јавните служби.

Исто така општина Штип има формирано и Партиципативно тело за просторно и урбанистичко планирање.
Членовите на ова тело се избираат од:
- од редот на членовите на Советот;
- по предлог на облиците на месна самоуправа;
- по предлог на здруженијата на граѓани;
- здруженија на стручни лица од областа на урбанизмот, и
- од општинската администрација.

Според Законот за локална самоуправа, седници на Советот се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци.

Советот на општина Штип во периодот јануари – јуни 2010 година има одржано 6 седници на кои биле поставени вкупно 125 точки на дневниот ред, вклучувајќи ги и разгледувањата на записниците од претходно одржаните седници.

Вкупниот број на денови во кои се одржувале седници на Советот на општина Штип, во овој период, е 6.