Мојот советник

Македонски (Macedonian)Albanian-ALTurkish (Turkiye)
Могила

За општина Могила, Советот и членовите на Советот

Општина Могила е единица на локалната самоуправа во која граѓаните го остваруваат своето уставно загарантирано право на локална самоуправа. Нејзините надлежности произлегуваат од Уставот на Република Македонија, Законот за локална самоуправа, како и од други закони.

Територијата на општина Могила ги опфаќа следните населени места: Алинци, Беранци, Будаково, Вашарејца, Горна Чарлија, Долна Чарлија, Дедебалци, Добрушево, Долно Српци, Ивањевци, Лознани, Могила, Мојно, Мусинци, Новоселани, Ношпал, Подино, Путурус, Радобор, Свето Тодори, Трап, Трновци и Црничани.

Според податоците од ЗЕЛС, општина Могила има 6.710 жители, од кои најголем дел 95,86% се Македонци, 3,41% се Турци, 0,51% се Албанци. Општината Могила покрива површина од 255,62 км2.

Седиштето на општина е во Могила.

Празник на Општината е 12 септември, Ден на основањето на Општина Могила, според Законот за територијална поделба на Република Македонија од 1996 година.

Статутот на општина Могила ги одредува: надлежноста на општината, организацијата и работењето на органите на општината, организацијата и работењето на комисиите на советот; вршењето на работите согласно начелото на супсидијарност; начинот на информирање на граѓаните и слободен пристап до информациите од јавен карактер; случаите на исклучување на јавноста од седниците на советот; начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив; начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните; начинот на објавување на прописите на советот, месната самоуправа (урбана заедница), начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето на Општината како и други прашања од значење за Општината.

Со општината раководи градоначалникот Славко Велевски, кој со тајно гласање, на непосредни и слободни локални избори, одржани на 22 март 2009 година, по четврти пат е избран на оваа функција. Неговиот мандат е 4 години.
Советот на општината е претставнички орган на граѓаните кој го сочинуваат 11 члена со мандат од 4 години.
Од своите редови, членовите го избраа Ицо Велјаноски за претседател на Советот на општина Могила.

Овој состав на Советот на општина Могила е избран на непосредни и слободни локални избори, со тајно гласање, одржани на 22 март 2009 година. Членовите на советот се избрани врз основа на пропорционален модел, со затворена листа на кандидати, (што значи се гласа за листа, а не за еден кандидат), во времетраење од четири години. Пресметувањето на мандатите од кандидатските листи се врши по Донтовиот модел.

Организацијата и работата на Советот на општина Могила и комисиите се определени со Деловникот на Советот на општина Могила.

Права и должности на членовите на Советот според Деловникот

  • Членовите на Советот имаат право од градоначалникот, општинскaта администрација, јавните служби, установи и претпријатија, основани од Општината и од други институции да бараат податоци што им се потребни за нивната работа во Советот;
  • Членовите на Советот, кои од страна на Советот се избрани за членови на органите на управување на јавните служби, установи и претпријатија, основани од Општината не може да учествуваат во одлучување на седницата на Советот за прашања што се однесуваат на јавните служби, установи и претпријатија во чии органи на управување се избрани;
  • Членовите на Советот имаат право и должност да присуствуваат на седниците на Советот, постојаните и повремените комисии во кои членуваат и да учествуваат во работата и одлучувањето;
  • Членовите на Советот имаат право да присуствуваат и на седниците на комисиите во кои не се членови, како и право да учествуваат во нивната работа, но без право на одлучување;
  • За присуството на седниците на Советот и на комисиите во кои членуваат членовите на Советот, се води евиденција. Евиденцијата ја води општинската администрација.

Членовите на Советот имаат право на седниците на Советот:

  • да ги изнесуваат предлозите и мислењата на граѓаните и да му предлагаат на Советот заземање ставови од надлежност на Советот за тие предлози и мислења;
  • да даваат иницијативи за донесување на прописи од надлежност на Советот, како и да поднесуваат амандмани на предлозите на прописите;
  • да поднесуваат барање за давање на автентично толкување на прописите;
  • да иницираат распишување референдум за решавање на прашања од интерес за Општината, како и за претходно изјаснување на граѓаните за одделни предлози на одлуки или за нивно потврдување;
  • да предлагаат претресување на прашања, појави и состојби што се од значење за определена дејност, како и од значење за граѓаните;
  • да предлагаат претресување на прашања што се однесуваат на спроведувањето на политиката што ја утврдил и прописите што ги донел Советот или на прашања што се однесуваат на извршување на законите и другите прописи и општи акти;
  • да предлагаат претресување на прашања кои се однесуваат на работата на градоначалникот;
  • да бараат од Градоначалникот да го извести Советот за својата работа;
  • да предлагаат претресување на прашања што се однесуваат на остварувањето на надзорот над вршењето на работите од надлежност на општината;
  • да предлагаат претресување на прашања во врска со состојбата во дејностите за кои Општината основала јавни служби, установи и претпријатија, како и прашања во врска со остварувањето на надзорот над нивната работа;
  • да предлагаат спроведување на анкети по прашања од надлежност на Советот;
  • Членовите на Советот имаат право поединечно или заедно, да предлагаат избор и разрешување на претседател на Советот, претседатели и членови на комисиите и посебните тела на Општината, што ги избира односно именува Советот, на начин и под услови утврдени со закон, Статутот и Деловник;
  • Членовите на Советот имаат право на Градоначалникот и на раководните органи, односно членовите на органите на управување на јавните служби, установи и претпријатија што ги основа Општината, да им поставуваат прашања (советнички прашања) што се однесуваат на нивната работа или на работата од нивна надлежност, односно од надлежност на органите, службите, установите и претпријатијата;
  • Членовите на Советот се должни да чуваат тајна.

Мандатот на членовите на Советот престанува или може да им биде одземен само во случаите утврдени со Законот за локална самоуправа:

  • ако поднесе оставка;
  • во случај на смрт;
  • ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење од над шест месеци;
  • ако настапи случај на неспојливост со функцијата член на Советот согласно со Законот за локалните избори;
  • ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, и
  • ако престане да биде жител на општината.


Во текот на својот мандат ...

...Членовите на Советот може да се сретнат со граѓаните, со претставници и членови на граѓански организации, со претставници на медиумите, може да одговараат на пораки и телефонски јавувања, да ги подготват своите материјали и излагања за седниците на Советот и работните тела.

Работни тела на Советот на општина Могила

Советот на општина Могила формира комисии за претресување на прашања од надлежност на Советот. Комисиите расправаат за прашања од областа за која се формирани, даваат мислења и предлози до Советот и ги разгледуваат предлозите на Градоначалникот, членовите на Советот и иницијативите на граѓаните.

Според Статутот на општина Могила комисиите на Советот се формираат како повремени и постојани. Комисиите се составени од претседател и минимум два члена од Советот.
Повремените комисии се формираат по потреба. Составот и времетраењето на мандатот на повремените комисии се определува со Одлуката за нивното формирање.

Како постојани комисии на Советот се основани:

  • Комисија за прашања на верификација, мандатни парашања и избори и именувања;
  • Комисија за финансии и локален економски развој;
  • Комисија за планирање, уредување на просторот, заштита на животната средина и природата: 
  • Комисија за комунални работи и сообраќај;
  • Комисија за јавни дејности;
  • Комисија за Статут и прописи;
  • Комисија за родова еднаквост.

Мандатот на овие комисии е ист со мандатот на членовите на Советот.

Повремени комисии во општина Могила не се формирани.

Општината Могила може да формира Совет за заштита на потрошувачите, кој е составен од десет члена, претставници на поголемите групи на корисници на јавните услуги во општината. Членовите на Советот на општината не може да се членови на овој совет.

Исто така, општина Могила може да формира и Партиципативното тело од областа на урбанизмот кое е составено од пет членови. Членовите на Партиципативно тело од областа на урбанизмот се избираат:

- од редот на членовите на Советот;
- по предлог на облиците на месна самоуправа;
- по предлог на здруженијата на граѓани;
- здруженија на стручни лица од областа на урбанизмот, и
- од општинската администрација.

Според Законот за локална самоуправа, седници на Советот се свикуваат по потреба но најмалку еднаш на три месеци.

Советот на општина Могила во периодот јануари – јуни 2010 година има одржано 7 седници на кои биле поставени вкупно 35 точки на дневниот ред, вклучувајќи ги и разгледувањата на записниците од претходно одржаните седници.

Вкупниот број на денови во кои се одржувале седници на Советот на општина Могила, во овој период, е 7.