Мојот советник

Македонски (Macedonian)Albanian-ALTurkish (Turkiye)
Дебарца

За општина Дебарца, Советот и членовите на Советот

Општина Дебарца е единица на локалната самоуправа во која граѓаните го остваруваат своето уставно загарантирано право на локална самоуправа. Нејзините надлежности произлегуваат од Уставот на Република Македонија, Законот за локална самоуправа, како и од други закони.

Територијата на општина Дебарца ги опфаќа следниве населени места: Арбиново, Белчишта, Ботун, Брежани, Велмеј, Врбјани, Годивје, Горенци, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Издеглавје, Климештани, Лактиње, Лешани, Мешеишта, Мраморец, Ново Село, Оздолени, Оровник, Песочани, Слатино, Слатински Чифлик, Сливово, Сошани, Требеништа, Турје и Црвена Вода.

Според податоците од ЗЕЛС, општина Дебарца има 5.507 жители, од кои најголемиот дел 96.68% се Македонци, 2.78% се Албанци, 0.04% се Турци. Општина Дебарца покрива површина од 425,39 км2

Седиштето на општината Дебарца е во селото Белчишта.

Празник на општината е 3 октомври - денот на објавувањето на манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ во село Црвена Вода во 1943 година.

Статутот на општина Дебарца ги одредува: организацијата и работењето на органите на општината, организацијата и работењето на комисиите на Советот, надлежностите според Законот за локална самоуправа, начинот на информирање на граѓаните, случаите на исклучување на јавноста од седниците на Советот, начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив, начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните, начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, како и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Со општината раководи градоначалникот, Љупчо Којчиноски, кој со тајно гласање, на непосредни и слободни локални избори, одржани на 22 март 2009 година, по четврти пат е избран на оваа функција. Неговиот мандат е 4 години.

Советот на општината е претставнички орган на граѓаните кој го сочинуваат 11 членови со мандат од 4 години. Од своите редови, членовите го избраа Томе Тутурески за претседател на Советот на општина Дебарца.

Овој состав на Советот на општина Дебарца е избран на непосредни и слободни локални избори, со тајно гласање, одржани на 22 март 2009 година. Членовите на советот се избрани врз основа на пропорционален модел, со затворена листа на кандидати, (што значи се гласа за листа, а не за еден кандидат) во времетраење од четири години. Пресметувањето на мандатите од кандидатските листи се врши по Донтовиот модел.

Организацијата и работата на Советот на општина Дебарца и комисиите се определени со Деловникот на Советот на општина Дебарца.

Права и должности на членовите на Советот според Деловникот

  • Членовите на Советот имаат право и должност да присуствуваат на седниците на Советот и неговите комисии каде што членуваат и да учествуваат во работата и одлучувањето;
  • Членовите на Советот кои се спречени да присуствуваат на седниците на Советот се должни навремено да го известат Претседателот на Советот. За присуството на членовите на Советот на седници се води евиденционен лист од страна на овластен државен службеник од општинската администрација);
  • Членовите на Советот имаат право да даваат иницијативи и предлози до Градоначалникот за разрешување на актуелни состојби кои се во надлежност на Општината;
  • Членовите на Советот имаат право да поставуваат прашања до Градоначалникот на општината од негова надлежност;
  • Членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок за патни и дневни трошоци во рамките на Законот;
  • Членовите на Советот имаат право да бидат информирани за работата на Советот и телата на Советот;
  • Членовите на Советот имаат право да побараат стручна помош од општинската администрација;
  • Членовите на Советот имаат право да побараат податоци од јавните служби, установи и претпријатија кои се основани од страна на Советот;
  • Членовите на Советот имаат право да го разрешат претседателот на Советот;
  • Членовите на Советот се должни да чуваат државна, службена и деловна тајна;

Мандатот на членовите на Советот престанува или може да им биде одземен само во случаите утврдени со Законот за локална самоуправа:

  • ако поднесе оставка;
  • во случај на смрт;
  • ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење од над шест месеци;
  • ако настапи случај на неспојливост со функцијата член на Советот согласно со Законот за локалните избори;
  • ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност и
  • ако престане да биде жител на општината.


Во текот на својот мандат ...

...Членовите на Советот може да се сретнат со граѓаните, со претставници и членови на граѓански организации, со претставници на медиумите, може да одговараат на пораки и телефонски јавувања, да ги подготват своите материјали и излагања за седниците на Советот и работните тела.

Работни тела на Советот на општина Дебарца

Советот на општина Дебарца формира комисии за претресување на прашања од надлежност на Советот. Комисиите расправаат за прашања од областа за која се формирани, даваат мислења и предлози до Советот и ги разгледуваат предлозите на Градоначалникот, членовите на Советот и иницијативите на граѓаните.

Според Статутот на општина Дебарца комисиите на Советот се формираат како постојани и повремени. Комисиите се составени од три члена од Советот на општината.
Повремените комисии се формираат по потреба. Составот и времетраењето на мандатот на повремените комисии се определува со Одлуката за нивното формирање.

Како постојани комисии на Советот се формирани:

  • Комисија за финансирање, Буџет и локален економски развој;
  • Комисија за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина;
  • Комисија за општествени дејности;
  • Комисија за Статут и прописи;
  • Комисија за мандатни прашања, избори и именувања;
  • Комисија за земјоделие и сточарство;
  • Комисија за месна самоуправа, одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија.

Мандатот на постојаните комисии е ист со мандатот на членовите на Советот.

Како повремени комисии на Советот се формирани:

  • Комисија за брак и семејство;
  • Комисија за еднакви права меѓу мажите и жените.

Исто така, Советот на општина Дебарца може да формира и Совет за заштита на потрошувачите во кој не членуваат членовите на советот. Ова тело е составено од пет члена од кои два члена се избираат од редот на правните лица и три члена од редот на физичките лица, како корисници на услугите што ги даваат јавните служби.

Според Законот за локална самоуправа, седници на Советот се свикуваат по потреба но најмалку еднаш на три месеци.

Советот на општина Дебарца во периодот јануари – јуни 2010 година има одржано 5 седници на кои биле поставени вкупно 45 точки на дневниот ред, вклучувајќи ги и разгледувањата на записниците од претходно одржаните седници.

Вкупниот број на денови во кои се одржувале седници на Советот на општина Дебарца, во овој период, е 5.